
Потпишан договор за социјална услуга „Помош и нега во домот“ за 2026 година
Социјалната услуга помош и нега во домот продолжува во 2026 година како производ на заедничката соработка на Општина Крушево со давателот на услугата Црвен крст Крушево, со поддршка од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Обезбедени се средства за 30 негуватели на терен, а досега покриени се градот Крушево и населените места Пуста Река, Свето Митрани, Пресил, Бучин, Алданци, Борино.
Помош и нега во домот е услуга која обезбедува сигурна, навремена и достапна поддршка за лица на кои им е потребна континуирана грижа во нивната домашна средина.
Квалитетот на услугата се темели на професионалност, хуман пристап и индивидуализирана грижа според реалните потреби на корисниците. Секој негувател е соодветно обучен и континуирано надградува знаења и вештини. На тој начин се обезбедува стандардизирана и сигурна услуга на терен. Работата се одвива според утврдени протоколи и етички принципи. Целиот процес е под редовен мониторинг и координација од стручен тим.
Особено внимание се посветува на почитување на достоинството, приватноста и автономијата на корисниците. Поддршката не опфаќа само помош во извршување на секојдневните активности. Опфаќа и психосоцијална поддршка, разговор и охрабрување. Сето тоа придонесува за подобрување на квалитетот на живот. Преку воспоставување доверба и континуитет во грижата, услугата создава чувство на сигурност и припадност кај корисниците и нивните семејства. Сите заедно ја јакнеме солидарноста и грижата во заедницата.

< врати се назад











































