
Недела на грижа за старите лица, 17-23 ноември 2025
Современото општество се соочува со забрзани демографски промени кои влијаат на сите сфери на животот. Во Македонија, како и во поголем дел од Европа, се забележува континуиран пораст на бројот на постари лица и постепено намалување на бројот на младата генерација. Според податоците на Државниот завод за статистика и Обединетите нации, лицата на возраст над 65 години сочинуваат околу 15% од вкупното население во државата. Тоа претставува значително зголемување во однос на претходната деценија. Проекциите укажуваат дека до 2030 година, уделот на старото население ќе надмине 20%, што ја приближува нашата земја до европските демографски трендови.
Овој тренд бара поголема општествена одговорност и развивање на системи за грижа, интеграција и поддршка на старите лица. Голем дел од нив живеат сами, со ограничен пристап до здравствени и социјални услуги, а дел се соочуваат и со осаменост, сиромаштија и дигитална исклученост.
Во периодот од 17 до 23 ноември 2025 година, ја одбележуваме Неделата на грижа за старите лица, под мотото Сите сме нивни деца. Црвениот крст на РСМ континуирано работи на развивање на програми и услуги кои обезбедуваат социјална, здравствена и психо-социјална поддршка на старите лица. Денес имаме модели за помош и грижа во домашни услови, волонтерска поддршка и активности кои промовираат активно и достоинствено стареење.
Во општина Крушево ја реализираме социјалната услуга помош и нега во домот за стари лица. Преку сите активности кои ги реализираме со оваа целна група сакаме да потсетиме дека стареењето не е ограничување, туку животна фаза која заслужува внимание, почит и поддршка. Со заедничка ангажираност можеме да придонесеме кон градење на општество во кое секој човек, без разлика на возраста, се чувствува прифатен, почитуван и вреден.

< врати се назад











































